ФФМ го поништи сомнителниот натпревар меѓу Кожуф и Башкими

Комисијата за натпревари на ФФМ, на седницата одржана на ден 16.05.2025 година, донесе одлука со која го поништи натпреварот од 28. коло од Втора МФЛ помеѓу КОЖУФ Гевгелија и ФК БАШКИМИ 1947 Куманово, одигран на 06.05.2025 година во Гевгелија.

Натпреварот го евидентира како одигран, бодовите од натпреварот не се доделуваат на ниту една екипа, постигнатите голови не се евидентираат и не влегуваат во евиденција на дадени голови на фудбалерите.

Комисијата, имајќи го предвид Правилникот за натпреварување, но и етичкиот аспект на случајот, со цел заштита на интегритетот на натпреварувањето и зачувување на угледот на фудбалот како спорт, ја донесе оваа одлука со која се настојува да се избегне какво било легитимирање на неспортски и неетички дејствија, кои се спротивни на вредностите на Фудбалската федерација на Македонија.