ФФМ организираше семинар за медицински лица на тема – Ургентни состојби и траума во фудбалот
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го спроведе годишниот семинар за доктори и физиотерапевти на тема „Ургентни состојби и траума во фудбалот“. Настанот го проследија тимските доктори и физиотерапевти од националните репрезентации, како и клупските доктори и физиотерапевти од Првата и Втората лига и од Првата женска фудбалска лига.
Организирана од Секторот за медицина и антидопинг и поддржана од УЕФА, медицинската работилница се одржа на 25 и 26 јануари 2025 година во хотел „Хилтон“ и истата имаше за цел да им ги презентира на тимските и клупските лекари и физиотерапевти најновите знаења и техники поврзани со ургентните медицински состојби во фудбалот.
Утринските сесии беа посветени на суштински теми и понудија теоретско знаење кое му е неопходно на секое медицинско лице за да биде добро подготвено да се справи со низа критични ситуации, вклучително и формулирање на акциони планови за итни случаи, спроведување на првични проценки на повредени играчи, решавање на инциденти со ненадеен срцев удар на теренот и практични демонстрации на процедури за итни случаи на теренот.
Предавањата од областа на трауматологијата ги држеа д-р Михајло Ивановски, д-р Александар Милески и д-р Небојша Настов, додека обуката за основно и напредно животно одржување и раната реанимација и брзата дефибрилација ја држеа д-р Азби Агуши и д-р Игор Неделковски. Брифинг за итни случаи на теренот даде и д-р Невзат Јонузи.
Во попладневните часови, учесниците имаа можност да се стекнат со практично искуство изведувајќи вежби на фантоми од медицинскиот симулациски центар.