Халанд: Во животна форма сум, никогаш не сум се чувствувал подобро!

Ерлинг Халанд отворено призна дека се наоѓа во најдобрата форма во својата кариера, откако со деветтиот гол сезонава во Премиерлигата му донесе победа на Манчестер Сити со 1-0 на гостувањето кај Брентфорд.
Норвежанецот погоди уште во деветтата минута, користејќи ја својата моќ и брзина за да го надмудри Сеп ван ден Берг и да ја затресе мрежата. Тој веќе има постигнато гол на 22 од 23 стадиони во Премиер лигата и се наоѓа во неверојатна серија – девет натпревари по ред со гол за клубот и репрезентацијата, што е најдолгата голгетерска низа во неговата кариера.
“Може да се каже така, никогаш не сум се чувствувал подобро. Така што да, ова е формата на мојот живот”, изјави Халанд по натпреварот. “Сè е во подготовката, физички и ментално. И морам да признаам, откако станав татко, уште повеќе се исклучувам од фудбалот дома и се релаксирам. Тоа ми помага да бидам уште подобар”.
Халанд целиот натпревар имаше жесток дуел со Ван ден Берг, во кој, како што самиот вели, ја пронашол дополнителната мотивација. “Првите пет минути само ме туркаше. Му реков – добро, ајде тогаш. Почнав и јас да враќам и тоа ме разбуди. Тој гол за мене е посебен, еден од подобрите во кариерата”.
Со овој триумф, Сити останува во чекор со лидерите, а Халанд уште еднаш докажа дека е кошмар за секоја одбрана, без разлика дали игра против ниски блокови или физички доминантни дефанзивци.