Халанд е главна мета на новиот претседател на Барселона
Прва мета на новиот претседател на Барселона, Жоан Лапорта е напаѓачот на Борусија Дортмунд Ерлинг Халанд, тврди Марка.
Лапорта се врати на функцијата на која беше од 2003. до 2010. година, откако освои скоро 55 отсто од гласовите.
Неговата инаугурација ќе биде наредната недела, но тој веќе има јасни планови. Одредени шпански медиуми пишуваа дека Лапорта сака да го доведе Халанд, а сега тоа го тврди и Марка.
Халанд има само 20 години, но и нереална статистика. Тој има постигнато 31 погодок и подели 8 асистенции во 29 натпревари за Дортмунд сезонава.
Неговиот договор со германскиот клуб е важечки до 2024. година, но Марка претпоставува дека неговиот трансфер би бил „тежок“ околу 100 милиони евра.
Покрај Халанд, клубот сака да доведе уште неколку играчи, но се работи за значително поефтини опции како што се Кун Агуеро, Давид Алаба и Џини Вајналдум, а сите тројца ова лето ќе бидат слободни играчи.