Халанд продолжува да руши рекорди и во Лигата на шампионите

Постигнувајќи гол синоќа на реваншот од четвртфиналето на Лигата на шампионите во Минхен против Баерн (1-1), напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд стигна до бројката од 35 гола во елитното натпреварување на стариот континент.

Норвешкиот гогетер на тој начин стана најмладиот играч кој постигнал 35 гола, а воедно и најбрзиот според бројот на одиграни натпревари. Халанд со 22 години и 272 дена стигна до бројката од 35 гола во ЛШ, соборувајќи го досегашниот рекорд на Килијан Мбапе, кој до оваа бројка стигна со 23 години и 260 дена.

Уште поимпресивен е податокот дека Норвежанецот на само 27 настапи во ЛШ постигна 35 гола. Претходниот рекорд го држеше Руд ван Нистелрој, кој постигна 35 гола во најсилното клупско натпреварување со 42 настапи. На Мбапе му беа потребни 54 настапи, на Меси 55, а на Нејмар 57 за оваа бројка на погодоци.