Халанд со два гола го уништи Сенегал и се пласира во елиминационата фаза

Фудбалерите на Норвешка го совладаа Сенегал со 3-2 (1-0) во натпревар од второто коло во групата И на Светското првенство 2026.

Дуелот на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, каде што на 19 јули ќе се игра и финалето на Мундијалот, го одбележа Ерлинг Халанд.

Моќниот напаѓач постигна два гола и со вкупно четири погодоци на турнирот остана во чекор со Лионел Меси, кој има пет, и Килијан Мбапе, кој исто така е на четири гола.

Уште поважно за Норвежаните е што со оваа победа обезбедија место во нокаут-фазата, а во последното коло против Франција ќе решаваат за првото место во групата.

Од друга страна, Сенегал остана без бодови и со гол-разлика 3-6 се наоѓа на работ на елиминација пред дуелот со Ирак.

Норвешка од самиот почеток играше поагресивно и создаде неколку опасни ситуации пред противничкиот гол. Веќе во 13. минута селекторот мораше да прави принудна измена по повредата на Јулијан Ријерсон.

Неговата замена Маркус Педерсен подоцна се покажа како еден од хероите на натпреварот. Во 43. минута тој ја искористи големата грешка на Калиду Кулибали и го постигна својот прв гол за националниот тим за водство од 1-0.

Во судиското продолжение на првото полувреме Халанд ја погоди стативата на празен гол, но брзо се реваншираше.

Само три минути по почетокот на вториот дел, во 48. минута, тој реализираше брза контра и ја удвои предноста на Норвешка.

Сенегал не се предаде и во 53. минута преку Исмаила Сар намали на 2-1. Напаѓачот одлично се снајде и од земја успеа да ја испрати топката во мрежата.

Сепак, надежта на африканската селекција траеше кратко. Во 58. минута повторно на сцена стапи Халанд, кој со својот втор гол на натпреварот ги постави конечните 3-1 и практично ги реши сите дилеми околу победникот.

До крајот Норвежаните рутински го контролираа резултатот, а Сенегал успеа само да го ублажи поразот во третата минута од судиското продолжение, кога повторно стрелаше Исмаила Сар за конечни 3-2.

За Норвешка ова е историски почеток на едно Светско првенство, бидејќи за првпат во својата историја турнирот го отвора со две победи.