Халанд ја сруши Данска среде „Паркен“

Норвешка покрај Португалија, од Групата 4, ќе игра во четвртфиналето, во Лигата на нации. Норвежаните со спектакуларен пресврт и гол во 96-та минута го освоија второто место во групата. Во вториот меч, Португалија, во Кардиф го победи Велс со 3:2.

Данска добро го отвори натпреварот и поведе во 11-та минута. Расмус Хојлунд најдобро реагираше на одбиената топка во шеснаесетникот и ја затресе мрежата на Норвежаните. Само три минути подоцна, домашните го дуплираа водството, откако Пјер-Емил Хојбјерг брилијантно реагираше на центаршут и со глава го погоди за 2:0.

Норвешка се обидуваше да се врати во натпреварот, а Ерлинг Халанд во 31-та минута, успеа да ја затресе мрежата по корнерот на Џулијан Рајерсон, но славјето на гостите траеше кратко. По проверката на ВАР, голот беше поништен поради играње со рака.

Сепак, Халанд постигна регуларен гол во 37-та минута и ја врати во натпреварот својата репрезентација. Данскиот голман не реагираше добро, а Норвежаните добија надеж дека можат да го свртат резултатот.

Во продолжение, Норвешка продолжи да напаѓа, а израмни во 83-та минута. Мартин Едегор најдобро се снајде во шеснаесетникот и ја испрати топката во мрежата за 2:2.

Кога се чинеше дека тимовите ќе ги поделат бодовите, следеше драматичен финиш. По проверката на ВАР, судијата Халил Умут Мелер покажа на пенал, а Халанд ја презеде одговорноста.

Норвешкиот напаѓач беше сигурен во 90+6 минута и го совлада Хермансен со силен удар за целосен пресврт.