Халибартон успешно опериран

Халибартон во првите пет минути од тој дуел погоди три тројки и постигна девет од 16 поени на својот тим, но на крајот од петтата минута при обид за продор заврши на подот со болен израз на лицето. Со помош стигна во соблекувалната, но не можеше да се потпре на десната нога. Подоцна беше потврдено дека доживеал една од најтешките повреди – пукната Ахилова тетива.

Без Халибартон на теренот, Пејсерс беа рамноправни со домаќините до четири минути пред крајот на третата четвртина. Но, Тандерс со серија 20:2 ја решија натпреварот и го освоија првиот НБА шампионски трофеј во историјата.

„Човече. Не знам како поинаку да го опишам освен – шок. Зборовите не можат да ја изразат болката од ова разочарување. Фрустрацијата е неизмерна. Целиот живот работев да стигнам до овој момент – и вака завршува? Нема смисла“, напиша Халибартон на почетокот на емотивното обраќање до своите следбеници, со фотографија од болничката постела по операцијата на Ахиловата тетива.

„На 25 години веќе научив дека Бог никогаш не ни дава повеќе отколку што можеме да издржиме. Знам дека ќе излезам од ова како подобар човек и подобар играч. И искрено, дури и сега, со пукната Ахилова тетива, не жалам. Би го направил тоа повторно. И повторно после тоа. Да се борам за овој град и моите браќа. За можноста да оствариме нешто посебно“.

Продолжи со пораката до навивачите: „Инди, жал ми е. Ако некоја навивачка база тоа не го заслужува – тоа сте вие. Но заедно ќе се бориме со цела сила да се вратиме тука и да ја прескокнеме оваа пречка. Не се сомневам ни секунда дека сте со мене, и се надевам дека знаете дека и јас сум со вас.“

Поврзани теми