Хамилтон уште две години во болидот на Мерцедес
Заврши сагата околу иднината на седумкратниот светски шампион во Формула 1 – Луис Хамилтон.
Официјално беше објавено дека Британецот потпиша нов, двегодишен договор со тимот на Мерцедес, за кој се натпреварува од 2013 година. Партнерството помеѓу Хамилтон и Мерцедес е едно од најплодните во историјата на шампионатот. Донесе вкупно 77 победи, 74 пол позиции, 44 најбрзи круга, 122 подиуми и шест светски титули на 165 трки.
„Тешко е да се поверува дека работам со овој неверојатен тим веќе девет години, возбуден сум што ќе го продолжиме нашето партнерство уште две години. Заедно постигнавме многу, но сè уште имаме што да постигнеме и на патеката и надвор од неа. Благодарност до сите посветени и талентирани луѓе во Мерцедес, чија напорна работа овозможи раководството да продолжи да верува во мене. Влегуваме во нова ера на автомобили што ќе биде предизвикувачка и возбудлива и едвај чекам да видам што друго можеме да постигнеме заедно“, напиша Хамилтон на своите профили на социјалните мрежи.