Хасукиќ двоен стрелец, Силекс ја надигра Шкендија Арачиново

Силекс ја продолжи победничката серија и освои значајни три бода во пресметката со Шкендија Арачиново, совладувајќи го противникот со 2:0. Херој на кратовскиот прволигаш беше Есмир Хасукиќ, кој по еднаш погоди во двете полувремиња.

Домашниот состав уште на самиот почеток најави дека сака да ги освои бодовите. Во третата минута, Делимеѓац испрати центаршут од десната страна, а Хасукиќ одлично реагираше со глава и ја затресе мрежата на Столевски за рано водство на Силекс.

По почетниот гол, темпото на играта малку опадна, а Шкендија Арачиново се обиде да дојде до израмнување. Најдобрата можност во првиот дел ја имаше Симоновски, но голманот Џеков беше на висината на задачата и го одбрани неговиот удар.

Прашањето околу победникот беше решено во 52. минута, кога Хасукиќ повторно се запиша меѓу стрелците. По акцијата на кратовци, Тимовски го проигра напаѓачот, кој излезе очи в очи со Столевски и реализираше. Првично беше сигнализиран офсајд, но по проверката со ВАР беше потврдено дека погодокот е регуларен за 2:0.

Силекс имаше можности и за поубедлива победа. Делимеѓац се закани од слободен удар, но Столевски интервенираше, додека обидот на Манојлов заврши покрај голот.

И гостите од Арачиново се обидоа да го ублажат поразот, но Џеков со неколку сигурни интервенции не дозволи промена на резултатот.

Со овој триумф, Силекс го надмина денешниот ривал на прволигашката табела.