Хиршер повторно го одложи враќањето на патеките

Осумкратниот победник на Светскиот скијачки куп, 36-годишниот Марсел Хиршер, кој настапува за Холандија од минатата сезона, повторно го одложи враќањето на патеките.

Хиршер претрпе повреда на вкрстените лигаменти во декември минатата година и се врати на скијачките тренинзи во септември, планирајќи да се натпреварува во велеслалом во Зелден на отворањето на новата сезона пред две недели.

Поради болест, тој настап беше откажан, а сега тој и неговиот тим одлучија да го пропуштат слаломот во Леви, Финска, кој е закажан за една недела.

„Сè е прашање на чувство. Марсел не одработил никаков летен тренинг и мора да види како ќе ја добие потребната километража во нозете. Добрата вест е дека коленото е во одлична состојба“, изјави извор од тимот на Хиршер за „Салцбургер Нахрихтен“.