Холандија му се смее на својот селектор!

Холандскиот селектор Франк Де Бур стана хит во својата земја, откако направи гаф на последната прес конференција.

Неговата селекција одигра само 2:2 на пријателскиот натпревар против Шкотска, а Де Бур потоа беше на располагање на новинарите. Еден од нив го праша селекторот кој би можел да игра на позицијата десно крило на Европското првенство.

„Мислам дека тоа би можел да биде Квинси Мениг.“ – одговори Де Бур.

Следеа неколку секунди тишина, по што новинарите продолжија со прашањата. Проблемот беше во тоа што Де Бур воопшто не го повика Квинси Мениг во екипата за ЕП, но најверојатно мислеше на неговиот имењак, Квинси Промес.

Холандските навивачи веднаш на социјалните мрежи го критикуваа Де Бур дека не е способен да ги запамти играчите кои ги повикал, а камоли да ја води репрезентацијата.