Хојлунд претставен на „Олд Трафорд“

Манчестер Јунајтед го искористи пријателскиот натпревар со Ленс за да го престави своето трето засилување. Расмус Хојлунд и официјално стави потпис на договор со „црвените ѓаволи“, а имаше шанса да се претстави и пред полните трибини на „Олд Трафорд“. 

Италијанскиот тим Аталанта доста добро профитираше од овој трансфер, бидејќи Данецот минатото лето беше купен за 17 милиони евра од Штурм. Сега, Хојлунд за сума од 74 милиони, плус девет во вид на бонуси се пресели во Манчестер Јунајтед. Самиот играч нагласи дека е пресреќен бидејќи му се исполни детскиот сон. 

„Не е тајна дека сум навивач на овој клуб од детските денови. Сонував еден ден да заиграм на „Олд Трафорд“ во дресот на Манчестер Јунајтед. Исклучително сум возбуден за оваа шанса да го исполнам сонот“, изјави Хојлунд. 

Во кариерата данскиот фудбалер има настапувано за ФК Копенхаген и Штурм, пред да се пресели во Аталанта. Минатата сезона за тимот од Бергамо одигра 34 натпревари и даде десет гола, а запиша и четири асистенции.