Хрватката Љутиќ победи на слаломот во Крањска Гора
Хрватската скијачка Зринка Љутиќ е победничка на слаломот од Светскиот куп што се одржа во словенечка Крањска Гора. Ова беше втора последователна победа на 20-годишната Хрватка откако минатата недела славеше во Семеринг, Австрија.
Љутиќ и Швајцарката Венди Холденер го поделија првото место по првото возење. Следеше драматично второ возење, а иако Холденер извозе и одличен втор круг, Љутиќ беше побрза за 16 стотинки за големо славје на армијата хрватски навивачи кои пристигнаа во Словенија.
Третото место го зазеде Швеѓанката Ана Свен Ларсон.
Љутиќ сега е лидер во слалом со 309 бодови, четири повеќе од Швајцарката Камила Руст.