Хрватот Бојан Богдановиќ објави крај на кариерата

Хрватскиот кошаркар Бојан Богдановиќ одлучи да се пензионира. Богдановиќ ја објави својата одлука на социјалните мрежи.

„Понекогаш во животот не го избирате моментот. Тој ве избира вас. По 14 месеци борба со повреда на стапалото, две операции и безброј обиди да се вратам на теренот, време е да се затвори едно поглавје. По повеќе од две децении поминати на паркетот, дојде моментот да се збогувам со кошарката. Не само како спорт, туку и како дел од мене. Тешко е да се опише во неколку реченици сè што ми донесе кошарката. Ме обликуваше како спортист, но уште повеќе како личност“, напиша меѓу другото Богдановиќ.

Бојан Богдановиќ пристигна во НБА лигата во 2014 година. Ги бранеше боите на Бруклин, Вашингтон, Индијана, Детроит, Јута и Њујорк. Просечно постигнуваше 15,6 поени во 719 натпревари. Пред тоа, играше во Европа за Зрињски, Реал, Цибона, Мурсија и Фенербахче.