Христов: Психолошкиот момент беше клучен, напролет очекувам уште подобри резултати

Екипата на Тиквеш на крајот од првиот дел на сезоната може да се окарактеризира како позитивна. Со оглед на тоа како почна прволигашот од Кавадарци, резултатите на крајот може да добијат позитивна оценка.
Со смената на тренерското место на кое по заминувањето на Ѓорѓи Мојсов пристигна Борче Христов, работите тргнаа во позитивна насока.
Осмото место и осумнаесетте бода на контото ветуваат добра стартна позиција за напролет, барем што се однесува до опстанокот. Иако истиот мора да се заработи ан терен.
„Реално кога пристигнав во Кавадарци, екипата беше во резултатска и играчка криза. Тој шокантен пораз од Арсими кој се случи непосредно пред моето пристигнување имаше оставено сериозен психолошки траг. Далеку од тоа дека екипата е на квалитативно ниво на кое што јас ја затекнав во моментот кога пристигнав. Овој тим има голем потенцијал, квалитет. Единствено на што мораше, и требаше да се поработи на психолошки момент. Да се врати тимот мотивациски што се вели. Се останато беше на сосема завидно ниво. Физички, тактички, екипата беше и повеќе од задоволително подготвена. Тој кризен период со тренинзи, разговори и нормално мечеви, го надминавме. Имаме пред нас уште доста но задоволен сум од она што досега го направивме”, истакна шефот на стручниот штаб, Христов.
Во продолжението од првенство, Тиквеш очекува неизвесна битка за опстанок во елитата.
“Што се однесува до остатокот од сезоната, очекувам уште повисоко ниво на игри и резултати. Со самиот факт што нема премногу да менуваме во тимот, значи дека со селекцијата сум задоволен. Следува период на подготовки и на дополнителна санација на аномалиите и недостатоците. Тиквеш ќе биде сосема во ред“, рече стратегот на кавадарчани.