Цветковиќ го освои Кратово, Вардар се врати на победите

Со еден гол, лидерот на табелата Вардар успеа да ги освои бодовите од гостувањето во Кратово против Силекс. Моментот на одлука беше во последните мигови од првиот дел кога Цветковиќ ја затресе противничката мрежа, откако претходно „црвено-црните“ не искористија добри 4-5 шанси. Кратовскиот тим во 26. минута остана со играч помалку, и немаше сила да дојде до подобар резултат, при што и натаму ја чека првата победа на свој терен.

Вардар одлично го почна мечот, имаше три шанси. Во 9. минута се закани Цветковиќ, кој го совлада Џеков, меѓутоа Бутуровиќ спаси од самата гол линија и изби во корнер. Во 11. минута уште една шанса за Цветковиќ, меѓутоа Џеков одлично одбрани во корнер. Од изведениот корнер на Торес, Велковски со глава ја погоди стативата.

Џеков ја прифати топката, и му сервираше одлична топка на Додев на другата страна, кој излезе сам пред Талески, но голманот на Вардар ја следеше ситуацијата и интервенираше.

Во 26. минута Дарко Додев го доби вториот жолт картон, и мораше да го заврши натпреварот.

Вардар продолжи да напаѓа. Закариќ ја погоди пречката, а потоа и Николов од идеална позиција не успеа да реализира.

И, конечно, Вардарци ја искористија шансата во 45. минута. Велковски упати долга топка во шеснаесетникот на Силекс, топката стигна до Цветковиќ на 6-7 метри, овој одлично се снајде, ја прими излезе сам пред Џеков, и го совлада за предност на гостите.

Иницијативата на Вардар продолжи и во вториот дел, а Јанкулов во 54. минута од десната страна ја погоди пречката.

Алиќ во 63. минута испрати сериозна опомена за Вардар, откако се најде сам пред голот, но шутираше само над пречката. Од слободен удар на другата страна Кастањеда се закани во 82. минута, меѓутоа само над голот.

Во 86. минута од средбата незгодна повреда заработи Ади Алиќ, фудбалерот на Силекс со амбулантно возило беше изнесен од теренот во Кратово.