ЦЕВ го објасни процесот на ждрепката за ЕП 2026: Ако не е избор на домаќините, Македонија ќе биде во четвртиот шешир

Европската одбојкарска федерација (ЦЕВ) ги објави денеска деталите во врска со жрепката за составот на групите за 34. Европското првенство (ЕП), кое ќе се одржи во септември идната година, а на кое меѓу 24 селекции настап обезбеди и македонската репрезентација.

Организаторите – Италија, Бугарија, Финска и Романија обезбедија директен пласман на ЕП 2026. Полска, Словенија, Франција, Холандија, Србија, Украина, Германија и Португалија се селекциите кои според пласманот на претходното ЕП 2023 имаа обезбеден билет за претстојниот континентален собир. Селекциите на Данска, Белгија, Чешка, Естонија, Швајцарија, Грција и Словачка како првопласирани во групите во квалификациите се најдоа на ЕП 2026, додека македонската репрезентација, заедно со селекциите на Летонија, Турција, Израел и Шведска како најдобропласирани второрангирани репрезентации во турнирските квалификации се најдоа на завршниот турнир.

Жрепката закажана за 4 октомври во Бари ќе биде полу-диригирана, односно четирите земји – домаќини ќе бидат сместени во по една од четирите групи, како нивни носители. Италија е носител во групата А, а натпреварите ќе ги игра во Неапол, Модена, Торино и Милано. Бугарија ќе биде носител на групата Б во Варна, Финска во Тампере ќе ги пречека противниците во групата Ц, додека Романија во групата Д натпреварите ќе ги игра во Клуж.

Непосредно пред почетокот на жрепка, секој од домаќините ќе има право да избере по еден противник во групната фаза.

Откако и тој процес ќе биде завршен, ќе се формираат четири шешири со по четири екипи според ЦЕВ рангирањето

Доколку не биде избрана од некој од домаќините на ЕП 2026, македонската одбојкарска репрезентација жрепката ќе ја чека во четвртиот шешир во кој, најверојатно, според ЦЕВ рангирањето ќе бидат Летонија, Шведска и Данска.