Централниот терен во „Куќата на фудбалот“ доби нов изглед

„Куќата на фудбалот“ доби значајно инфраструктурно освежување, откако по повеќе од една деценија беше целосно обновен централниот терен.

Како што објави претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, извршена е комплетна реконструкција на тревната површина, при што се поставени нови тревни бусени, обновен е дренажниот систем и инсталирана е современа мрежа за наводнување.

Со овие зафати се очекува значително подобрување на условите за тренинг и одигрување натпревари, како за репрезентативните селекции, така и за останатите корисници на комплексот.

Oд ФФМ најавуваат дека инвестициите ќе продолжат и во наредниот период, со цел постепено подобрување на условите и на останатите стадиони низ државата.

„Фудбалот заслужува подобри услови и ќе ги добие“, порача Омерагиќ преку социјалните мрежи, испраќајќи јасна порака дека развојот на инфраструктурата останува еден од приоритетите на Федерацијата.