„Чеканите“ го купуваат Французинот Гендузи
Вест Хем ќе ја разгледа можноста за купување на играчот од средниот ред на Олимпик Марсеј, Матео Гендузи. Клубот од Лондон внимателно го следи играчот и ги разгледува опциите како замена за нивниот играч Деклан Рајс, пренесува „Атлетик“.
Според изданието, Рајс, чиј договор со лондонскиот клуб истекува за една година може да замине во друг клуб, а интерес за него има од неколку клубови од Премиер лигата, меѓу кои Арсенал, Њукасл Јунајтед и Манчестер Јунајтед. Во случај на заминување на Рајс, на стручниот штаб на Вест Хем ќе му биде потребен централен играч за врска. Гендузи е соодветен кандидат да го замени миленикот на лондончани, бидејќи веќе има искуство во Премиер лигата и во тим од англиската престолнина.
Во летото 2018 година, францускиот играч од средниот ред се пресели од Лориент во Арсенал. Во шампионатот на Англија во две сезони успеа да одигра 57 натпревари и забележа две асистенции. Договорот на 24-годишниот фудбалер со Марсеј е до 2025 година. Трансфермаркт го цени играчот на 25 милиони евра.