Челзи по секоја цена сака да го раскине договорот со Стерлинг

Рахим Стерлинг би можел предвреме да ја заврши својата епизода во Челси, откако раководството на клубот започнало преговори со неговиот менаџер за прекин на договорот. Англичанецот не успеа да најде нов ангажман во летниот преоден рок и остана во Лондон, што не е во интерес на ниту една страна.
Англиските медиуми пренесуваат дека „сините“ му понудиле 10 милиони евра на Стерлинг како обештетување за раскин на договорот, кој инаку важи до 2027 година. Со тоа 29-годишниот напаѓач би добил можност како слободен играч да си избере нов клуб и во исто време да инкасира сериозна сума.
Според сегашниот договор, Стерлинг до 2027 година треба да заработи околу 30 милиони евра, но наводно е подготвен да се согласи на спогодбен раскин за да си отвори ново поглавје во кариерата.