Червар: Ова е победа за навивачите, победа за цела Битола

Еурофарм Пелистер направи фантастичен пресверт и со 29-28 го победи германски Гумерсбах во меч од четвртото коло во Европската ракометна лига. Со овој триумф битолчани ги задржаа шансите да ја поминат групата. По мечот, тренерот на Еурофарм Пелистер, Лино Червар беше задоволен.
„Ова беше тежок меч. Требаше да дадеме многу напор за да победиме. Ова е голем триумф над германски бундеслигаш. Имавме минус пет гола и требаше да се врати екипата. Тоа беше голем предизвик, но успеавме. Ни беше потребен еден ваков триумф за радост на сите наши навивачи, за градот. Благодарам на публиката. Ова е убава вечер за нас, среќен сум за Битола. Уште еднаш се потврди дека тимот е најдобар играч. Сите се разиграа и благодарение на големат поддршка од публиката, која ни беше осми играч, стигнавме до победа. Благодарам на сите што веруваа во нас“, задоволно коментираше Червар.
Искусниот тренер потсети дека нема да има многу време за радост затоа што веќе в четврток Пелистер ќе гостува во Скопје на алкалоид во домашното првенство, а потоа следи уште еден тежок дуел во Битола против Охрид.
„Им реков на момците да испијат едно пиво и да одат да спијат. Немаме многу време за радост, имаме многу нови тешки натпревари пред нас. За два дена играме ново дерби во домашното првенство против Алкалоид“, додаде Червар по триумфот на Еурофарм Пелистер против Гумерсбах.
Следниот европски меч на битолчани е за седум дена против Вибжеже Гдањск во Битола.