Четвртолигаш го исфрли Манчестер Јунајтед од Лига Купот

Манчестер јунајтед им приреди ново разочарување на навивачите, „ѓаволите“ вечерва беа елиминирани од Гримсби во второто коло на Лига Купот, трагичари се двете скапо платени летни засилувања – Куња и Мбеумо.
Гримсби вечерва направи огромно изненадување, четвртолигашот го елиминираше Манчестер јунајтед во второто коло на Лига Купот.
Домаќините имаа два гола предност по половина час игра со головите на Вернам и Ворен, но „ѓаволите“ во вториот дел се спасија во самиот финиш. Мбеумо намали на 1-2 во 75. минута, за Мегваер по еден корнер во 89. минута да изедначи на 2-2 и да го однесе натпреварот на пенали.
А таму, погрешија двете скапи летни засилувања – Куња и Мбеумо. Бразилецот можеше да го реши исходот во петтата серија, но не реализираше, а потоа Камерунецот ја погоди пречката во 13. серија за лудница на „Бландел Парк“.