Четиригодишна суспензија за Симона Халеп
Симона Халеп е суспендирана на четири години поради кршење на антидопинг правилата. Двократната Грен слем шампионка беше обвинета за два одделни прекршоци. Првично, забранетата супстанција роксадустат беше пронајдена во нејзиниот примерок од УС Опен 2022 година, а потоа се појавија наводи во врска со биолошкиот пасош на спортистот.
На 28 и 29 јуни 2023 година се одржаа состаноци на независниот трибунал во Лондон. Тие слушнаа докази од експерти кои зборуваа во име на Халеп и Меѓународната тениска агенција за интегритет (ITIA), а Романката исто така сведочеше пред панелот.
На 11 септември, Трибуналот потврди дека ја прогласил Халеп за виновна за намерно прекршување на анти-допинг правилата. Трибуналот ги прифати аргументите на Халеп дека земала контаминиран додаток, но пресуди дека количината што ја консумирала не можела да резултира со концентрација на супстанцијата пронајдена во позитивниот примерок. Халеп е суспендирана од октомври 2022 година. Трибуналот овој период го вброи во периодот на дисквалификација, па истиот ќе трае до 6 октомври 2026 година.