Чеферин отворено ја критикуваше инфраструктурата во Италија

Александар Чеферин ја критикуваше состојбата на стадионите во Италија и тврди дека таа е полоша во Италија отколку во која било друга голема фудбалска земја во Европа.
Пред реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите во кој Интер ќе се сретне со Барселона, претседателот на УЕФА разговараше со „СпортМедијасет“, меѓу другото, зборуваше за стадионот „Џузепе Меаца“ и неуспешниот обид тој да биде местото каде што ќе се игра финалето на Лигата на шампионите.
„Мислам дека фудбалската инфраструктура во Италија е срамна“, рече Чеферин.
„Вие сте една од најголемите фудбалски земји, ги освоивте светските и европските првенства, Лигата на шампионите. А во исто време, имате најлоша инфраструктура меѓу големите фудбалски земји. Веќе сум малку уморен од овие приказни за инфраструктурата во Италија. Сè завршува само со приказни. Се надевам дека Италија ќе направи нешто. Клубовите имаат потреба од помош од државата, локалните заедници, па дури и од приватните инвеститори. Време е да се реагира, ситуацијата е исклучително лоша“, рече Чеферин и дополни дека е сигурен дека „Италија ќе биде домаќин на Европското првенство во 2032 година“.
Сите очекуваат заедничката кандидатура на Турција и Италија да добие зелено светло за домаќинство на ЕП 2032, но најновите изјави од првиот човек на УЕФА се јасно предупредување до Италија дека треба посериозно да ја сфати работата што треба да се заврши.