Чеферин: Срцето ме боли за фудбалерите од Русија и Украина, оваа војна е како таа во Југославија

Александар Чеферин, претседателот УЕФА даде интервју за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“. Чеферин, роден во Словенија, меѓу другото се осврна и на војната во Украина и ја спореди со војната во поранешна Југославија.

„Има многу сличности со Југославија. Тоа беше војна на братски народи. Луѓето страдаа, а не политичарите. За среќа, војната во Словенија траеше само десет дена. Тогаш имав 23 години, за среќа, не морав да пукам. Бев со моето семејство, дојде еден човек по мене и ми рече да одам со него. Така отидов во војска“, рече Чеферин.

„Срцето ме боли за играчите“

Руските клубови и спортисти се санкционирани и исфрлени од речиси сите натпреварувања во речиси сите спортови. Прекината е и врската со Газпром, руската компанија која ја спонзорираше Лигата на шампионите. Чеферин призна дека го „боли“ само санкционирањето на спортистите.