Чупиќ: Вардар секогаш оди на победа, мечот со Бенфика во моментов е најважен

Ракометарите на Вардар утре ќе ја пречекаат Бенфика во клучен меч од главната фаза на Европската лига на ЕХФ. „Црвено-црните“ се борат за место во плеј-офот, а позитивен резултат против Бенфика ќе биде многу важен. На денешнета прес-конференција пред натпреварот зборуваше тренерот на тимот Иван Чупиќ.
„Две работи се во игра, првата е дека играме дома и се надеваме дека ќе ја наполниме салата и ќе имаме убава вечер. Се надевам дека ќе оставиме добра слика, а ќе запишеме победа и ќе ја исполниме целта да ја минеме главната фаза. Втората работа е, како тим по првата лоша презентација на цел тим, сега мора да одиграме реванш и да го покажеме вистинското лице. Да се покажеме во подобро лице од првиот натпревар во Лисабон. Треба да имаме повеќе мотивација за овој натпревар, бидејќи Бенфика е еден од ретките тимови кои успеаја да не победат. Треба да имаме чувство дека сме останале должни кон нашиот клуб, нашите навивачи и на луѓето кои ќе дојдат во сала да заминат со убаво чувство. Главната цел на Вардар е титула секоја година, па така и сега. Разликата од лани и претходно што не освоија не значи дека целите не беа исти. Секогаш гледаме кон повисоко ниво, целта е кон сите титули. Нема да калкулираме со ништо, не дека имаме самодоверба и мислиме дека сме најдобри“, рече тренерот на Вардар.
Меѓу другото, Иван Чупиќ се осврна и на повредениот Јака Малус. Словенечкиот бек не тренирал вчера, а ќе биде поштеден и денес.
„Јака Малус вчера не тренираше со нас, имаше прегледи. Денес исто нема да тренира, а ќе видиме утре дали може да биде дел од тимот за утрешната средба. Останатите сите се здрави и тренираат. Со Јака или без него, за утре имам тешка задача да тргнам шест играчи од тимот. Како и да е, мора да најдеме лек, нешто повеќе од себе за да ја добиеме Бенфика“, изјави Чупиќ.
Вардар ќе ја дочека Бенфика во вторник во терминот од 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“.