Чупиќ: Ништо не доаѓа преку ноќ, Висла е многу квалитетна екипа

Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, на денешната прес-конференција во пресрет на мечот против Висла Плоцк, зборуваше за состојбата во тимот и за противникот.

Вардар во четврток со почеток од 20:45 часот во „Јане Сандански“ ја пречекува Висла Плоцк во третиот натпревар од Лигата на шампионите.

„Ни доаѓа Висла која е во топ 10-12 во Европа, тим кој долго години е заедно со истиот тренер. Последните седум-осум години покажуваат врвни резултати и во домашното првенство и во Лигата на шампионите. Јас одамна поминав низ доминацијата на Киелце во Полска, но во последните години Висла го презеде приматот. Тоа е само доказ за нивното ниво. Се подготвуваме како секогаш, со добра енергија, анализа и тренинг. Веруваме дека во полн „Јане Сандански“ никому нема да му е лесно. Сакаме по двата натпревара без бодови на кои игравме добро, да стигнеме до првата победа. Сигурно дека ни недостигаа по гол-два на претходните средби. Не сакам да зборувам за притисокот, тоа за мене е привилегија. Ова е наш пат кој ќе трае барем до крајот на сезоната. Нема успех без порази, не доаѓа бргу и преку ноќ. Мислам дека по првите два меча во ЛШ одигравме навистина добро, одигравме машки, ама очигледно тоа што го презентираме во овој момент не беше доволно за ова ниво. Ако беше доволно ќе имавме бодови на контото. Не сакам да барам алиби, иако игравме добро со Мелсунген, а потоа малку подобро против Нант. Сега верувам дека ќе го кренеме нивото, особено бидејќи Педро се врати и дава нота повеќе“, вели Чупиќ.

Тренерот на Вардар ја истакнува одбраната на полскиот тим, вели дека е најдобра во Лигата на шампионите.

„Кога ја анализиравме Висла, екипа која според мој вкус игра најдобра одбрана во Лигата на шампионите. Тоа ќе биде голем предизвик за нашиот напад, мора да сме подобри од натпреварите со Охрид, Нант и Мелсунген. За оваа одбрана на Висла која плаќа 3-4 играчи само за одбрана, нашиот напад мора да биде како никогаш оваа сезона ако сакаме да освоиме бодови. Сепак, и без добра одбрана бадијала би биле добри во нападот. Сите сегменти мора да се на нивото, но ако морам да изберам еден кој може да реши ќе биде нашиот напад. Висла игра навистина врвна одбрана, тактички се дисциплинирани и за мене е навистина голем предизвик“.