Чурлинов дебитираше, Погон победи во Краков

Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов на одличен начин ја започна својата авантура во дресот на Погон Шчечин. Новото засилување на полскиот прволигаш веднаш доби доверба од тренерот и беше стартер на гостувањето кај Краковија, каде неговиот тим славеше со убедливи 2-0.
Чурлинов помина 60 минути на теренот и остави солиден впечаток на своето официјално деби, пред да биде заменет во второто полувреме. Имаше и добра шанса во првиот дел за своето деби да го круниса со погодок, меѓутоа не реализираше.
Погон до предност стигна уште на стартот од вториот дел, а победата ја потврди со втор погодок во самиот финиш од натпреварот.
Со овој триумф, тимот од Шчечин ја продолжи успешната серија на стартот од новата сезона, а Чурлинов веднаш покажа дека ќе има важна улога во составот.