Шалке ја враќа клупската легенда пред крајот на кариерата
Германски Шалке се обидува да го доведе 37-годишниот напаѓач на Ајакс, Клас Јан Хунтелар, кој за овој клуб настапуваше од 2010. до 2017. година. Хунтелар најави повлекување од фудбалот на крајот на оваа сезона, но на Шалке секако му е потребен до крајот на сезоната, со цел да изборат опстанок во Бундеслигата. Шалке во моментот е на претпоследното место на табелата и има четири бода помалку од Келн кој е на 16. место, а има шест бода помалку од Билефелд кои се 15. Овој клуб беше во голема резултатска криза до минатиот викенд, кога ја забележа првата победа по 30 натпревари. На тој натпревар, каптенската трака ја носеше Сеад Колашинац, кој се врати во клубот по настапите за Арсенал. Шалке по успешното враќање на Колашинац се одлучи да тргне и по Хунтелар, кој во текот на седумте сезони поминати во Гелзенкирхен стана вистинска клупска легенда одигрувајќи 240 натпревари во кои постигна 126 погодоци и подели 35 асистенции.