Шампионот ги „запали моторите“, Гарабаја прозиваше во Битола

Денес со работен состанок во спортската сала „Боро Чурлевски“ беше означен старт на сезоната 2025/26.
На средбата беа претставени новиот тренер Рубен Гарабаја и новите ракометари во ростерот. На ракометарите им се обрати спортскиот директор Звонко Шундовски, а тренерот ја претстави својата програма на работа за ова лето.
Во првата фаза од подготовките ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе се подготвуваат во Битола, а централната фаза ќе ја реализираат од четврти август на Златибор. Таму ќе се бруси формата десет дена и ќе се одиграат првите контролни натпревари.
По враќањето во Македонија, ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе учествуваат на турнирите во Охрид (19-23 август) и Скопје (28-31 август).
Првите официјални натпревари Еурофарм Пелисгер ќе ги одигра во септември. Суперкупот на Македонија против Вардар 1961 на 3 септември, првиот натпревар од Суперлигата на теренот на Бутел Скопје на 6/7 септември и првиот дуел од Лигата на шампионите против Загреб на 10/11 септември.