Шампионско издание на Еурофарм Пелистер, Вардар немоќен во „Боро Чурлевски“

Вардар 1961 допатува како единствен непоразен тим во македонската Суперлига во Битола, но ја почувствува моќта на шампионот. Еурофарм Пелистер одигра многу похрабро, но и подобро во клучните моменти и славеше со 28-23 (13-10), во рамките на 16. коло.
Почетокот од мечот му припадна на Вардар 1961 и домашниот тим бркаше резултат во добар дел од првото полувреме, но во самиот финиш, домаќинот влезе во импресивна серија и на пауза замина со предност од 13-10. Хаидаридад почна да брани како во транс и всушност беше главниот човек кој го сопре налетот на „вардарци“. Иранецот беше иницијатор на пресвртот на крајот на првиот дел, а продолжи во ист стил и на стартот на вториот дел, кога „зелено-белите“ продолжија да ја зголемуваат предноста на семафорот.
Еурофарм Пелистер дојде до максимални +6 во 45. минута кога на семафорот стоеше 21-15, по што полека се доби впечаток дека победата е осигурана. Вардар се приближи на -3, но тоа беше најмногу што успеа да направи во вториот дел, кој целосно беше во знакот на избраниците на Шундовски. Пелистерци мирно го приведоа мечот до крај и славеа со 28-23, нанесувајќи му го првиот пораз на Вардар во домашното првенство.
Саид Хаидаридад беше јунак на мечот со 12 интервенции откако доби шанса на крајот на првиот дел, но во нападот импресивен беше Богдан Радивојевиќ со девет погодоци од девет обиди, исто како и капитенот Филип Кузмановски кој постигна шест погодоци. Во поразениот Вардар, Хориха беше најефикас со шест гола.
Во следното 17. коло, в недела попладне Еурофарм Пелистер гостува кај Охрид.