Шеикот Ал Тани ќе достави нова понуда за купување на Манчестер Јунајтед

На неполни две недели до истекот на рокот за достава на третата и завршна понуда за купување на Манчестер Јунајтед, катарскиот Шеик Јасим бин Хамад Ал Тани најави дека во следниве денови ќе ја достави финалната понуда која се очекува да биде нешто повисока од претходните пет милијарди фунти.

Медиумите во Британија истакнуваат дека Шеикот Ал Тани останува на намерата да откупи 100% од акциите што го прави главен фаворит за преземање на Манчестер Јунајтед.

Вториот најсериозен кандидат милијардерот Џим Ретклиф добил покана за доставување на нова понуда, но се уште нема информација дали тој ќе остане во трката бидејќи тој е заинтересиран да откупи 60% од акциите што е во спротивност на очекувањата на семејството Глејзер.

Според последните инфромации од трката се повлече финскиот бизнисмен Томас Зилкаус кој остана на последната понуда и одбива да влезе во третиот круг.

Разврската околу сопственоста на Манчестер Јунајтед влегува во завршна фаза, но постои и мал проблем во семејството Глејзер каде има различни идеи за натамошниот развој на клубот.