Шифрин и Џонсон златни во екипна комбинација во Залбах

Американските скијачки Микаела Шифрин и Бризи Џонсон освоија злато во новата екипна комбинација на Светското првенство, во Залбах, Австрија.

Новата тимска комбинација вклучува еден член на тимот да се натпреварува во слалом, а другиот во спуст. Времињата на двата члена потоа се собираат за да се добие нивниот конечен резултат.

Шифрин настапи во слалом, додека Џонсон во спуст. Победија со вкупен резултат 2:40,89 минути.

Среброто им припадна на Венди Холденер и Лара Гут-Бехрами од Швајцарија со 0,39 секунди заостанување, додека бронзата ја освоија Австријките Стефани Вениер и Катарина Трупе со 0,53 секунди заостанување.

Шифрин има 62 победи во слалом и е апослутна рекордерка во Светскиот куп, додека Џонсон го освои златниот медал во спуст на овогодинешното Светско првенство.

Дамите на СП во четврток ќе возат велеслало. Шифрин поради посттрауматски стрес се повлече од оваа дисциплина што значи дека нема да го брани златниот медал освоен пред две години.

На СП досега во кариерата, Шифрин има освоено 15 медали, осум од нив се со златен сјај.