Шкендија последен полуфиналист на Купот на Македонија во фудбал

Шкендија е последниот полуфиналист во Купот на Македонија откако после изведување пенали (6-7) ја елиминира Струга Трим. Во регуларниот тек мечот заврши 2-2, а Имран Фетаи ја спаси Шкендија од пораз со гол во 96.минута од дуелот.

Тетовци се пласира во полуфиналето на Купот, каде ќе се соочат со Шкендија Арачиново, додека во второто полуфинале ќе играат Силекс и Охрид.

Натпреварот на „Градскиот стадион“ во Струга понуди вистинска драма и голема борба, а гостинскиот тим буквално во последните секунди избегна пораз и елиминација.

Домашниот тим подобро го отвори мечот и веднаш тргна офанзивно. Првата посериозна закана дојде преку Гледи Мици, кој со волеј ја погоди гредата. Само една минута подоцна, Фал и Шабани одлично комбинираа по левата страна, по што Сенегалецот испрати опасна топка во петерецот. Фетаи не реагираше најдобро, а топката стигна до Марјан Радески на втората статива, кој без проблеми погоди за 1-0 во 13. минута.

Првиот удар во рамките на голот тетовци го имаа дури во второто полувреме преку Нзенге. Тренерот Јетон Беќири во игра го внесе капитенот Бесарт Ибраими, а најдобриот стрелец во македонскиот фудбал успеа да израмни против својот поранешен клуб во 74. минута, откако доби одлична топка зад одбраната од Красниќи (1-1).

Радоста на гостите траеше кратко, бидејќи веќе во 82. минута Струга повторно поведе. Меметриза Хамза изведе вистинско ремек-дело од слободен удар – иако позицијата беше откосо, тој со одличен ефект ја префрли живиот ѕид и погоди директно во аголот од голот на Гаје за 2-1.

До крајот, Шкендија притискаше во обид да се врати во игра, а наградата стигна буквално во последните секунди. По слободен удар на Красниќи, Трумчи ја продолжи топката до Имран Фетаи, кој од непосредна близина погоди за 2-2 и го однесе мечот во пенал-рулет.

Во серијата од белата точка, прецизни беа Компаоре и Ибраими, потоа Хамза и Красниќи. Прв промаши Јевтовски за Струга, а Љатифи со многу среќа реализираше. Во продолжение погодуваа Малески и Трумчи, а во последната серија Бојку и Спахиу беа сигурни за конечна победа на Шкендија од 4-5.