Шкендија со доцен гол го освои Кратово

Победа на Шкендија во Кратово против Силекс од 1-2. Кратовскиот тим пропушти добри можности за да води, и беше казнет во последните мигови. Во првиот дел доминираа гостите, а Силекс беше подобар во второто полувреме, а на крај трите бода заминуваат во Тетово.
Шкендија го почна офанзивно натпреварот, сакаше што побрзо да го отвори резултатот. Напаѓаа тетовските фудбалери, и до водство стигнаа во 17. минута. Ајетовиќ од левата страна нафрли до Тамба, кој се снајде меѓу одбраната на Силекс, и погоди со силен удар под пречката на немоќниот Џеков.
Пиреш имаше шанса да израмни во 25. минута, обидот со глава оди над голот, а потоа во 42. минута пречката сојузник за Силекс по обидот на Алхасан. Во истата акција завршница со удар и на Тамба, Џеков успеа прекрасно да одбрани.
И кога се чинеше дека Шкендија има контрола, и дека ќе замине со предност на полувреме, една долга акција на Силекс, по која се создаде мешаница во шеснаесетникот, потоа топката вратена на 30 метри, па низ средината, од каде топката стигна до Бутуровиќ, кој остана во нападот, излезе сам и рутински погоди во голот на Гаје за израмнување.
Динамичен почеток имаше вториот дел, а Силекс беше далеку подобар и напаѓачки пристапи во продолжението на мечот. На таквата игра Шкендија ја чекаше шансата од противнапади, и се редеа шанси на двете страни. Ндгензуе се најде сам пред голот на Силекс по добра акција, но голманот Џеков стигна во последен момент да не му дозволи да шутира, а на другата страна во 63. минута Тимовски се закани со опасен шут, Геје успеа да одбрани.
Силекс тргна по победата, а на крај Шкендија стигна до неа. Кратовскиот тим најпрво се закани преку Делимеѓац кој шутираше прекрасно, Гаје уште подобро одбрани. Шанса имаше и Мишов, топката заврши за малку крај голот.
Шкендија во 88. минута ги казни промашувањата на домашните. Одбиена топка до Зејнулаи кој одлично со волеј ја зафати топката и заврши во мрежата за триумф на гостите.