Шкендија ја „тресна“ ФЦСБ среде Букурешт и испиша историја

Шкендија забележа победа на гостувањето кај ФЦСБ во Букурешт и испиша своја клупска историја. По пауза од осум години Македонија повторно ќе има претставник во групна фаза на едно натпреварување на УЕФА.
По Вардар во сезоната 2017/18 во Лигата на Европа, сега тетовска Шкендија во најмала рака ќе настапи во групите од Конференциската лига. Тетовчани вечерва во Букурешт ја совладаа екипата на ФЦСБ со 1-2 или вкупен резултат 3-1 и со тоа обезбдеија пласман во следното коло од квалификациите за Лигата на шампиони. Следен противник на Шкендија ќе биде Карабах.
Во 28. минута домаќинот го отвори резултатот. Стрелец на голот беше Цисоти, кој на додавање на Бирлигеа го совлада Гаје.
Сепак, радоста на домаќините не траеше долго затоа што Шкендија експресно реагираше. Левото крило на тетовчани, Љатифи одлично се снајде во мешаницата пред голот на ФЦСБ и легнат на земја успеа да шутира и да ја смести топката во посакуваната цел за 1-1, резултат со кој се замина на одмор.
Бесарт Ибраими во 80. минута повторно имаше голема шанса по една убава акција на тетовчани, топката дојде до искусниот напаѓач, кој од чиста позиција од десетина метри биеше високо над домашниот гол. Сепак, добрата игра на Шкендија беше наградена во 86. минута, кога резервистот Ване Крстевски со помош на блокот на домашната екипа ја смести топката во противничката мрежа и ѝ донесе нова победа на својата екипа во овој двомеч, а воедно и пласман во третото коло од квалификациите во Лигата на шампионите.
Во третото коло Шкендија ќе се игра против Карабах, а во случај на неуспех се префрлува во плеј-офот од квалификациите за Лигата на Европа. Доколку Шкендија биде елиминирана есенва ќе настапи во групната фаза од Конференциската лига.