Штип УГД аутсајдер на гостувањето во Италија

Последниот македонски претставник на европската одбојкарска сцена во сезоната 2025/2026, вицешампионот Штип УГД, утре во Италија против Милано го игра реваншот во рамките од шеснаесетфиналето од Челинџ купот.
Штип УГД на првиот дуел во Радовиш пред неполн месец загуби во три сета од фаворизираниот италијански противник, а на ова гостување ќе биде без главниот стратег Кристијан Ристески, кој поради здравствени причини нема да биде на клупата.
„Испишавме клупска историја со пласманот во 1/16 финалето од Челинџ купот. Јасно е дека Милано е фаворит, тоа го потврди и на првиот меч, а во реваншот нашиот тим ќе се потруди да понуди што е можно поквалитетен отпор и да одиграме најдобро што можеме. Не сме оптоварени резултатски“, изјави Ристески во пресрет на дуелот за официјалниот сајт на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
На премиерата на европската сцена штипскиот состав до главната фаза од Челинџ купот стигна откако преку „златен сет“ го елиминираше норвешки Кол Ил.
Реваншот против италијанскиот фаворит е на програмата утре попладне, со почеток во 17:30 часот во „Центро Павеси“ во Милано.