Шчезни ќе потпише нов договор со Барселона

Според информациите на Фабрицио Романо, полскиот голман Војчех Шчезни е на чекор до продолжување на соработката со Барселона. Новиот договор, кој се очекува да биде потпишан наскоро, ќе биде на една година со можност за продолжување уште една, што би значело дека може да остане на Камп Ноу до 2027 година.
Шчезни се приклучи на Барселона во октомври 2024 година и веднаш се најде во фокусот, заменувајќи го повредениот Марк-Андре тер Штеген. Со одлични настапи, тој одигра клучна улога во освојувањето на тројната домашна круна, како и во силната кампања во Лигата на Шампионите.
Иако тер Штеген се очекува да се врати како прв избор меѓу стативите, Шчезни нема проблем со евентуално помала минутажа. Тој е подготвен да остане и да помогне, не само на теренот, туку и како поддршка и ментор на помладите во тимот.
Барселона ја гледа неговата улога како многу значајна, особено во контекст на одржување на квалитетна и искусна поддршка во тимот. Спортскиот директор Деко уште од март работел на продолжувањето на договорот со Шчезни, гледајќи го како важен дел од плановите за наредните сезони.