„Ѓаволите“ потпишаа најскап спонзорски договор

Манчестер Јунајтед го потпиша најголемиот договор за рекламирање на тимовите во историјата на Премиер лигата. Клубот потпиша петгодишен договор со германската компанија за софтвер „TeamViewer“.

Договорот кој стапува на сила од почетокот на сезоната 2021/22, вреди 235 милиони фунти, или околу 47 милиони фунти по сезона. Компанијата ќе го замени Шевролет на предниот дел од дресот на „Црвените ѓаволи“, а логото на оваа компанија стои на дресот на Манчестер од 2014 година. Ова е најголемиот договор за рекламирање на спортски клуб од почетокот на пандемијата и рекорд за договор за рекламирање за спонзорство само на официјалниот дрес. Дополнително, клубот е пред објавување на договор за спонзорство на дресови за тренинг. Логото на компанијата е сино, но ќе биде прикажано во бело на црвените дресови на тимот за следната сезона за да одговара на боите на екипата.