Ѓокереш ќе дебитира за Арсенал против Манчестер Јунајтед

Микел Артета јасно стави до знаење дека навивачите на Арсенал ќе мора да бидат малку потрпеливи пред да го видат новото засилување Виктор Ѓокереш во тимот на „Топџиите“.

Се очекуваше новиот напаѓач, купен за 64 милиони фунти, да дебитира на пријателскиот натпревар против Тотенхем, што ќе биде првото дерби на Северен Лондон што ќе се игра надвор од Обединетото Кралство.

Швеѓанецот веќе е во Сингапур со своите нови соиграчи и беше официјално претставен пред победата од 3:2 над Њукасл во Хонг Конг. Сепак, Артета нагласи дека медицинскиот персонал на клубот прво мора да ја процени неговата физичка состојба.

На прашањето дали Ѓокереш ќе учествува на утрешниот тренинг и ќе биде достапен за дербито во четврток, Артета одговори:

„Не мислам дека имал ниту еден тренинг со тимот од неговиот последен натпревар за Спортинг, кога станаа шампиони. Ќе процениме утре – ги помина сите медицински тестови, сè изгледа во ред, но многу е важно да го достигне потребното ниво на физичка подготвеност. Не сакаме да го задржиме, сакаме да биде со нас што е можно поскоро, но прво мора да ја процениме ситуацијата, а тоа ќе биде работа на медицинскиот тим“ рече Артета.

Шведскиот репрезентативец, кој ќе го носи иконскиот број 14, ќе се обиде брзо да се придружи на тренинзите на Арсенал.

Неговата цел е да биде во оптимална форма за првиот натпревар на Арсенал во Премиер лигата – против Манчестер Јунајтед на 17 август.