Ѓоковиќ доби забрана за настап во Мајами и Индијан Велс

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ дефинитивно нема да игра на Мастерсот во Индијан Велс, но и на турнирот во Мајами, бидејќи не добил дозвола за влез во САД откако не е вакциниран, пренесува Танјуг.

Ѓоковиќ се пријави за Мастерсот во Калифорнија, кој го освои пет пати во текот на неговата кариера, беше на ждрепката, но Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) одбија да му издадат дозвола за влез во земјата.

Поради тоа дојде до поместување на ждрепката, па Григор Димитров „падна“ меѓу носителите, а испразнетото место ќе го пополни „среќниот губитник“ од квалификациите.

Мастерсот во Индијан Велс се игра од 10 до 20 март, а наградниот фонд е 8,5 милиони долари.

Самиот Ѓоковиќ се огласи на социјалните мрежи и потврди дека нема да игра ниту во Мајами. Тој призна дека знаел дека имало „мала веројатност да патува“.