Ѓоковиќ: Жалам што Надал нема да игра, мојата цел е трофејот во Монте Карло

Најдобриот светски тенисер Србинот Новак Ѓоковиќ вечерва изјави дека жали што Шпанецот Рафаел Надал нема да игра на Мастерсот во Монте Карло, но додаде дека сака да ја освои титулата на овој турнир.

Надал го откажа настапот на турнирот во Монте Карло, бидејќи не се опорави од повредата.

„Тоа е загуба за турнирот и за тенисот воопшто, бидејќи Надал е убедливо најдобриот тенисер на земјена подлога во историјата. Знаеме колку пати го освои Монте Карло и сите други турнири. Мислам дека ова е можност за сите нас останатите – кога тој не е таму, да се обидеме да ја освоиме титулата“, изјави Ѓоковиќ, а пренесува официјалната веб-страница на АТП.

Уште еден Шпанец, Карлос Алкараз, нема да игра на Мастерсот во Монте Карло.

„Алкараз е еден од најдобрите играчи во светот на која било подлога веќе година и пол. Тоа го докажа со освојување на грен слем титула на бетон, а веројатно повеќето мислеа дека тоа ќе се случи на земјена подлога. Тоа илустрира колку е комплетен тенисер. Има извонреден менталитет, борбеност, секогаш притиска, му одзема време на противникот и добро тактички се прилагодува на секој ривал“, изјави српскиот тенисер.

Ѓоковиќ изјави дека покрај Алкараз, Јаник Синер и Холгер Руне се идната „голема тројка“ на светскиот тенис.

„Освежувачки е да се има уште едно ново ривалство за кое луѓето ќе зборуваат: Алкараз-Синер. Видовме неколку возбудливи, неверојатни натпревари меѓу овие двајца, вклучувајќи го и оној во Мајами. Тие двајца и Руне можеби ќе бидат следната голема тројка“, заклучи Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ го освои Мастерсот во Монте Карло во 2013 и 2015 година. Тој во второто коло ќе се сретне со победникот од мечот меѓу Русинот Иван Гаков и Американецот Мекензи Мекдоналд.