Ѓоковиќ пријавен на списокот на учесници на УС Опен

Новак Ѓоковиќ се најде на списокот учесници на последниот Гренд слем турнир во сезоната – Отвореното првенство на САД во Њујорк, но неговото учество е неизвесно бидејќи не е вакциниран против коронавирусот, што е услов за влегување во земјата.

Организаторите на УС Опен денеска го објавија списокот на учесници во машка и женска конкуренција, на 42 дена пред почетокот на турнирот. Меѓу нив е и Ѓоковиќ, кој не е вакциниран против ковид-19.

„УС Опен не бара задолжителни вакцини за играчите, но ќе го почитува ставот на американската влада во врска со патувањето во земјата за невакцинираните неамерикански државјани“, се наведува на веб-страницата на натпреварувањето.

Заштитениот пласман го искористи Американката Серена Вилијамс, освојувачка на 23 Гренд слем титули, па се најде на листата на учесници.