Ѓоковиќ само со теоретски шанси за настап во Њујорк
Новак Ѓоковиќ најверојатно нема да игра на претстојниот УС Опен поради тоа што како невакциниран странец не може да влезе на територијата на Соединетите Американски Држави. Ѓоковиќ се надева дека ќе добие добри вести од Америка во вид на изземање од медицинските правила, но ако се суди според новата изјава на челниците на турнирот, мали се шансите да го видиме во Њујорк.
Новак не е вакциниран и затоа ја пропушти турнејата во САД („Мастерс“ турнирите во Монтреал и Синсинати), а постојат сите шанси да не игра на последниот Гренд слем во сезоната.
Една недела пред почетокот на натпреварувањето, челниците на УС Опен објавија соопштение на официјалната веб-страница, во кое пишува дека ќе ги имплементираат здравствените и безбедносните протоколи кои се утврдени во борбата против коронавирусот.
„Во овој момент, од сите сопственици на билети нема да се бара да покажат доказ за вакцинација за да влезат на УС Опен. Меѓутоа, ако патувате од странство за да присуствувате на УС Опен, мора да бидете вакцинирани со прифатлива серија вакцини против Ковид за да патувате. за САД (ова се однесува на оние кои не се државјани на САД или имигранти)“, се вели во соопштението.