Ѓоковиќ се врати на првото место на АТП листата

Новак Ѓоковиќ од денеска повторно е тенисер број еден во светот. 

Поразот на Шпанецот Карлос Алкараз во полуфиналето на Мастерсот во Мајами од Италијанецот Синер значеше дека српскиот тенисер се врати на чело на АТП листата.

Алкараз мораше да го одбрани трофејот во Мајами за да остане на првото место, но на крајот трофејот замина во рацете на рускиот тенисер, Данил Медведев. Новак сега има 7.160 поени, точно 380 повеќе од младиот Алкараз.

Трет е Гркот Стефанос Циципас со 5.770 бодови, а Русинот Медведев по четвртата титула сезонава се проби на четвртото место со 5.150 бодови.

Каспер Руд падна на петтото место, а зад него се Андреј Рубљов, Феликс Оже-Алијасим, Холгер Руне, Јаник Синер и Тејлор Фриц до десеттото место.