Ѓоковиќ: Снемав енергија, имам проблем со мистериозна болест

Новак Ѓоковиќ не успеа да дојде до посакуваниот триумф на турнирот во родната Србија, откако во големото финале во Белград беше поразен од Андреј Рубљов.

Светскиот рекет број еден имаше три тешки меча на патот до финалето и сите беа во три сета, па иако се чинеше дека може да примени ист рецепт откако го доби вториот сет против Русинот, сепак остана без гориво и сила во одлучувачкиот сет.

Ѓоковиќ го загуби последниот сет без да освои ниту еден гејм и убедливите 6:0 се доказ дека остана без ронка енергија на крајот од мечот, што беше повод и за подетална анализа од страна на самиот Ноле кога доби прашање од новинарите.

„Во третиот сет останав без енергија и не успеав да се погрижам за борба. Честитки до Рубљов кој веќе некое време е при врвот на светскиот тенис. Навистина сум изморен, искрено, можев да испаднам уште во првото коло. Зад мене се три тешки меча кои се надевам дека ќе ми помогнат во иднина“, изјави Ноле, кој смета дека неговиот физички пад е поврзан со некоја болест.