Ѓоргиев: Имаме тешка група, но никој не може да ни забрани да сонуваме!

Капитенот на машкиот национален тим, Никола Ѓоргиев од Букурешт внимателно ја следеше ждрепката за ЕвроВолеј 2026 која синоќа се одржа во Бари. Заклучокот е: тешка ждрепка.

Најдобриот македонски одбојкар, сепак, останува оптимистички расположен и продолжува да верува во екипата која ја предводи.

Македонија за ЕвроВолеј 2026 е дел од групата Б во Варна, каде покрај домаќинот и актуелен светски вице-првак Бугарија, ќе се соочи и со Полска, Украина, Португалија и Израел.

„Македонија на ова Европско првенство влегува без еуфорија и големи очекувања како што беше во 2023 кога бевме организатори, но имавме среќа и во ждрепката, и во групата имавме две репрезентации кои беа со послаб ранкинг од нас. На ова ЕП Македонија влегува како најслабо рангирана селекција и верувам дека сите противници во групата на нас гледаат како на тотален аутсајдер. Добивме тешка група со два изразени фаворита – Бугарија и Полска. Украина, особено Португалија, која играше во осминафиналето на СП и ја елиминираше Куба и Израел се противници со кои ќе водиме голема битка и никој не може да ни забрани да сонуваме за осминафинале. Само да сме живи, здрави и спротени.

На ЕвроВолеј 2026 ќе влеземе со една поинаква ‘математика’ – да си ја играме нашата игра и да си ја гледаме нашата работа и да сонуваме. Искусни сме, веќе имаме три ЕП зад нас и знаеме како е и да се победува и да се губи. На претходното ЕП игравме и осминафинале и од тоа имаме искуство. Напоменав дека групата е тешка, но имаме шанси за нешто историско. Без еуфорија, со многу работа и посветеност и да бидеме најдобри кога ќе биде најпотребно. Потешко можеше, а можеше да биде и полесно, но самото тоа што сме на уште едно ЕП носи големо задоволство“, заклучува Ѓоргиев.