Ѓорѓиев: Бугарија ја има најдобрата одбојкарска генерација досега

Македонската одбојкарска репрезентација го отвора настапот на Европското првенство со дуел против домаќинот Бугарија,
Ѓорѓи Ѓоргиев е свесен за тежината на предизвикот што ги очекува нашите сениорски репрезентативци.
Искусниот репрезентативец истакна дека Бугарија располага со можеби најквалитетната генерација во својата историја, но нагласи дека тоа претставува дополнителен мотив за македонскиот состав.
„ЕП го отвораме против домаќинот Бугарија. Со оглед на тоа што шест или седум години играм тука и добро ги познавам, можам да кажам дека, иако е подмладена, ова е најдобрата генерација на Бугарија досега. Потврда за тоа е и второто место на минатото Европско првенство“, изјави Ѓоргиев.
Сепак, македонскиот плејмејкер верува дека националниот тим има квалитет да се надигрува и со најсилните селекции на континентот.
„Тоа за нас е дополнителен мотив да видиме каде сме во однос на најдобрите европски репрезентации. Наше е да го дадеме максимумот на теренот, а потоа ќе видиме за што ќе биде доволно. Свесни сме дека играме против исклучително моќен противник, но и ние имаме свои адути“, порача Ѓоргиев.
Тој посочи дека клучот за евентуален позитивен резултат ќе биде неутрализирањето на најсилното оружје на Бугарите, а тоа е сервисот.
„Доколку успееме да го скротиме нивниот сервис и да го разиграме нашиот напад, тогаш сигурно ќе имаме шанса да се надеваме на нешто повеќе во првиот натпревар на шампионатот“, додаде македонскиот репрезентативец.
Натпреварот меѓу Македонија и Бугарија се игра утре со почеток од 18:00 часот во Софија