Ѓорѓиев: Да ја искористиме младоста и да го наттрчаме противникот

Македонската ракометна репрезентација денес имаше слободен ден на СП, а го искористи за подготовка за натпреварот против Катар во втората рунда на Светското првенство. Пред утрешниот натпревар своите очекувања ги искажа Игор Ѓорѓиев, средниот бек на Македонија кој истакна дека треба да ја искористат младоста, за да го наттрчаат противникот и да дојдат до позитивен резултат.

„Не очекува дуел со една пред се квалитетна и искусна екипа која што го покажа тоа на последниот натпревар со Холандија во кој беа егал до самиот крај. Ние сме една помлада репрезентација од нив и тоа ни е некоја предност која треба да ја искористиме за да дојдеме до позитивен резултат со оглед на тоа што за нас ова е петти меч на првенството. Секогаш кога играм во дресот на Македонија и пред навивачите се чувствувам мотивирано, така мислам дека е и целата наша екипа. Имаме уште помалку од еден ден, треба времето да го искористиме за најдобра анализа и да излеземе на терен да победиме. Ако имаме добра одбрана и добра полуконтра, можеме да победиме“, изјави Ѓорѓиев.

Натпреварот меѓу Македонија и Катар се игра утре (четврток) од 15:30 часот во Вараждин. Нашата репрезентација има два бода во втората фаза, додека Катар е без бодови.